АЛБАНИЈА

Законска Рамка


 

Законот 8756 „за цивилни кризи“ беше усвоен од парламентот во март 2001 и ја поставува законската основа за албанските служби за цивилни кризи, што опфаќаат мрежа на централни и локални невоени структури.
Со законот 8756 беше направен првиот чекор кон основање на помодерен систем за цивилна заштита што ќе може да се соочи со нови и посложени предизвици и оперативни барања. Законот го опфаќа системот за планирање, превенција и подготвеност и го дефинира начинот за прва координација меѓу различните чинители во операции за одговор на цивилни кризи. Во законот се опфатени непогоди и катастрофи предизвикани од природни појави, вклучително земјотреси, поплави, свлечишта, лавини, силни ветрови, шумски пожари и епидемии, како и оние предизвикани од човечкиот фактор, вклучително сообраќајни незгоди, пожари во населени места, експлозии, уривање на брани, испуштање на НБХ материјал, нереди и војна.
Владата официјално се определува како прв чинител при цивилни кризи. Нејзини задачи се да спречува, ублажува и отстранува какви било штети врз населението, животни, имоти, културното наследство и животната средина.
 
Според член 5 од Законот 8756, Советот на министри ја има главната одговорност за планирање за цивилни кризи и одговор на нив, а во случај на вонредна состојба што ја опфаќа територијата на целата држава, Советот на министри мора да основа Меѓуресорска комисија (МК) координирана од Премиерот. МК ги опфаќа сите министри што се надлежни за операции при цивилни кризи во единствена структура за координација, со цел побрзо носење на одлуките, особено во случај на поднесување барање за интервенција од меѓународни организации.
Министерство за внатрешни работи е одговорно за управување со цивилната заштита (член 8). Со Законот 8756 се основа техничка дирекција, имено Оддел за цивилни кризи, планирање и одговор (Sherbimi i Emergjencave Civile), што е дел од Министерство за внатрешни работи и е одговорен за спроведување и примена на законот на локално ниво.
Техничката советодавна експертска комисија, што е дел од дирекцијата, дава совети за техничките аспекти на цивилната заштита
 
Одделот за цивилни кризи, планирање и одговор може да насочува инвестиции од јавни институции во истражување за начини за предвидување и спречување на непогоди и катастрофи (член 11). Префектите се одговорни за управувањето со цивилни кризи во регионите (член 13) преку локални комисии и Служби за цивилни кризи основани во општините (членови 15 – 17).

По донесувањето на Законот 8576 се усвоени повеќе одлуки за дефинирање на задачите и надлежностите на различните чинители во цивилната заштита. Со Одлуката бр. 644 од февруари 2002 се уредува дека Институтот за геолошки науки и Институтот за енергетика, вода и животна средина на Политехничкиот универзитет во Тирана се официјални тела за мониторинг на Одделот за цивилни кризи, планирање и одговор.

Одделот може да ги вклучи тие институти преку изработка на студии и собирање на податоци за планирање, ублажување на влијанијата, рано предупредување, подготвеност и одговор. Во Одлуката бр. 663 од декември 2002 г. се дефинираат задачите на Техничката советодавна комисија, којашто се состои од постојани, привремени и поканети членови и чијашто главна задача е да го изготви Националниот план за цивилни кризи.
 
Во декември 2004 албанскиот Совет на министри го усвои Националниот план за цивилни кризи, чиешто изготвување беше поддржано од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и од Министерството за меѓународен развој на Обединетото Кралство. Планот беше донесен за да се нагласи улогата на граѓанското општество во структурите за цивилна заштита и да се дефинираат стратегијата и главните цели на Одделот за цивилни кризи, користејќи ги добрите практики од ЕУ како референтна точка и земајќи го предвид поширокиот развој на настаните на Балканот. Во планот се дефинираат надлежностите и задачите на сите релевантни владини институции и граѓански организации вклучени во цивилна заштита во сите фази на управувањето со кризи. Посебно се нагласува соработката на Албанија со другите земји. Националниот план вклучува студии за оценка на ризиците спроведени од сите релевантни институции и организации во Албанија. Во него се нагласува улогата на сите институции и организации што се вклучени во различните фази од управувањето со кризи.

Законот 8756 потоа беше изменет во институционални и технички комиси, а целта беше во парламентот да се поднесе нацрт на новиот закон. Според новиот закон, структурата на Одделот за цивилни кризи ќе се заснова на пофункционална шема, со што треба да се поедностави сложениот синџир на команда и контрола предвиден со претходниот ригиден и централизиран систем. Интегрираниот систем за комуникација и рано предупредување за цивилни кризи ќе се воведе како единствен оперативен центар 112.
Покрај тоа, новата структура за цивилна заштита предвидува систем на повеќе нивоа што ја нагласува улогата на локалното ниво, чиишто надлежности и одговорности ќе се зајакнат и зголемат и ќе вклучуваат превентивни активности и планирање под надлежност на префектите.